Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век

Панорама од излозбениот салон со поставката Витрина 1 Витрина 2 Витрина 3 Витрина 4 Витрина 5

Предговор од изложбата

Секое навраќање кон делото на светите Кирил и Методиј е повторно откривање на фундаментите врз кои почива нашата духовност и гносеолошка вертикала преку која проникнуваме до изворот на нашето битие. Како синтеза меѓу грчко-римската цивилизација на Медитеранот и блискоисточното наследство на еврејската, коптската, персиската и сириската култура, византиската цивилизација на најдиректен начин учествува во духовната градба на сите словенски православни народи. Кирилометодиевата мисија во својата основа е трансмисија на византиските културни модели и цивилизациски пораки и нивна трансплантација на словенска почва. Прифаќајќи ги византиските културни модели православните словенски народи дефинитивно се присоединиле кон големата византиска метаисториска космополитска заедница која ги интегрира во својата екумена. Всушност, станува збор за восприемање на еден општ византиски семантички систем кој почива на идентични симболи, метафори кои обединуваат различни манифестации на византиската култура, почнувајќи од книжевноста, теологијата преку архитектурата, живописот, музиката. Во својата позната енци-клика Slavorum Apostoli од 1985 година, во која се валоризира екуменското дело на солунските браќа, канонизираниот за светец папа Јован Павле II, во 1980 година ќе ги прогласи за светци-покровители на Европа заедно со св. Бенедикт Нурсиски, основачот на западното монаштво.

Вклучувањето на православните словенски народи во византиската духовна заедница во никој случај не претставува механичка имитација и епигонство, туку создавање на сопствен, условно речено автентичен модел на тој „византинизам.“

Македонија е неразделен дел на Slavia Orthodoxa, термин предложен од познатиот италијански славист Рикардо Пикио, за православната словенска духовна заедница во која црковнословенската реч ги синтетизира и интегрира на едно повисоко духовно ниво најсуптилните и фундаментални идеи на византиската цивилизација.

Почетокот на словенската писменост во Македонија датира од деветтата деценија на IX век, кога во Македонија доаѓа св. Климент Охридски (886 год.) и ја основа Охридската книжевна школа. Во текот на наредните векови во книжевните центри на територијата на нашата земја, за потребите на православното богослужение и црковната просвета, е создаден огромен број на ракописни книги, пишувани во почетокот со глаголично, а потоа и со кирилично писмо. Во прилог на оваа констатација јасно зборува фактот што скоро сите најстари зачувани глаголички и кирилични ракописи од Х до ХI век (со мали исклучоци) настанале во книжевни центри на Светиклиментовата Охридска книжевна школа. Овие значајни споменици на христијанската цивилизација и духовна култура се сочувани благодарејќи на исклучителните напори на истражувачите од XIX век и денес се пазат во одделни библиотеки и други културни и научни институции во повеќе европски земји.

Во Република Македонија, почнувајќи од 40-тите години на минатиот век, континуирано се води грижа за заштита на книжевното културно наследство. Старите црковни книги се пренесени во библиотеките, архивите и музеите на Македонија, создаден е соодветен стручен кадар, формирани селаборатории за конзервација и реставрација на ракописното книжевно наследство, старопечатените книги и архивската документација. Како резултат на овие активности, во Република Македонија се формирани ракописни збирки во повеќе културни и образовни институции: Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Државниот архив на Република Македонија, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“, Заводот за заштита и музеј во Охрид и др.

Ракописните книги што денес се чуваат во нашата земја се настанати во периодот од XIII до ХIX век. Од XIII век се зачувани претежно фрагменти од пергаментни ракописи, додека целосните пергаментни кодекси датираат од крајот на XIII и првата половина на XIV век. Два такви кодекса се чуваат во ракописната збирка на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје - Вруточкото четвороевангелие од крајот на XIII или почетокот на XIV век (Д, П, Мс 1) и Кратовското четвороевангелие од средината на XIV век (Мс 20).

Основниот ракописен фонд во Република Македонија го сочинуваат кодексите пишувани врз хартија во периодот од средината на XIV век до крајот на XVI век. Со ширењето на печатените црковнословенски книги во XVII-XVIII век, ракописната традиција во Македонија стагнира и одново доживува интензивен развој во текот на XIX век, кога се пишуваат претежно ракописни книги на македонски народен говор преку кои се шири црковната просвета меѓу нашиот народ и се зацврстува неговиот културно-религиозен и јазичен идентитет.

На оваа пригодна изложба ќе биде претставен мал дел од словенското книжевно наследство зачувано во Македонија. Посетителите ќе имат можност да се запознаат со остатоците од една древна писмена традиција, на чии темели е вградена дејноста на двајца од најзначајните Кирилометодиеви ученици и учесници во Моравската мисија - светите Климент и Наум Охридски.

д-р Иван К. Заров

директор на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје